
------------------------------------------Литература
Дваесеттиот век го актуелизира прашањето на македонскиот јазик и го дефинира како основна компонента на самобитноста на Македонецот. Појавата на книгата "За македонцките работи" (1903) на Крсте Петков Мисирков (1874-1926) значи и кодифицирање на еден "општ македонски литературен јазик", што би рекол и самиот Мисирков. Тој притоа поаѓаше од два принципа: прво, Македонија да се неутрализира од Бугарија и Србија и да се оддалечи подеднакво и од едната и од другата и, второ, таа, Македонија, да се обедини на јазична основа. За да се реализираат, според Мисирков, овие два принципа, централните македонски наречја, поточно: велешко-прилепско-битолсссскиот говор, треба да станат основа врз која ќе се изгради македонскиот литературен јазик. Овој јазик треба, исто така, да се изгради на фонетска основа, со употреба на писмени знаци со мали отстапки од етимологијата и, на крајот, речничкиот материјал на идниот македонски литературен јазик треба да се формира од сите македонски наречја. Блаже Конески, подоцна, зборувајќи за Мисирков, ќе нагласи дека откривањето на научните поставки на Мисирков за Македонците, значи "откривање на самите себеси."
Очигледно, доаѓаше време кога дефинитивно се урнаа заблудите, лутањата, мистификациите околу постоењето на македонскиот јазик. На почетокот на овој век, драмскиот писател Војдан Чернодрински, потоа, Никола Киров Мајски, а особено меѓу двете светски војни драмските писатели Ристо Крле, Васил Иљоски и Антон Панов, го промовираа македонскиот јазик како говор на еден посебен и дефиниран етнос. Појавата на книгата стихови "Бели мугри" од Коста Рацин (1908-1943), со која се поставија темелите на модерното македонско литературно создавање, а нешто потоа и на првите книги стихови на Венко Марковски и на Мите Богоевски, ги откри можностите на македонски да се изразуваат и најтенките чувства. Крајот на Војната младата македонска литература го дочека со еден мал фонд литературни остварувања на штотуку кодифицираниот македонски литературен јазик, меѓутоа, фонд што го најави бујниот и сестран развој на современата и модерна македонска литература и нејзиниот пробив во светот. На 13 февруари 1947 година во Скопје беше формирано Друштвото на писателите на Македонија. Негови членови станаа Блаже Конески (претседател), Димитар Митрев, Венко Марковски, Славко Јаневски, Васил Иљоски, Ацо Шопов, Ристо Крле и Иван Точко, а кандидати за членови Ѓорѓи Абаџиев, Коле Чашуле, Владо Малески, Јован Бошковски, Ванчо Николески и Гого Ивановски.
Во минатото македонските писатели на неколкупати се обидуваа да се организираат во друштва или здруженија. Првиот обид во 1888 година во Софија го направи Ѓорѓија Пулески, формирајќи ја Словено-македонската книжевна дружина, чија основна цел беше "да ја прероди народната македонска литература". Тогашната бугарска власт ја попречи оваа благородна иницијатива. Само три години потоа, Коста Шахов, публицист и издавач од Охрид, исто така во Софија, ја покрена и ја реализира идејата за формирање Млада македонска книжовна дружина, која од 1892 година почна да го издава списанието "Лоза", чиј уредник стана Петар Поп Арсов. За потврдување на самобитноста на Македонецот, идеите што ги пропагираше ова списание станаа, речиси судбински. "Лоза" излегуваше до 1894 година. За значењето на формирањето на ММКД Мисирков напиша: "...Во деведесеттите години се формира едно национално сепаратистичко движење со цел да се одделат интересите на Македонците од бугарските интереси со воведување на едно од македонските наречја на степен на литературен јазик за сите Македонци". Во 1902 година; како што веќе беше речено, група македонски национални дејци, меѓу кои, Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, брат му Наце Димов, Дијамандија Трпков Мишајков, Стефан Јакимов Децов и други во Петроград го формираа Македонското научно-литературно другарство "Свети Климент", како нов обид, преку него и неговата активност да го воведат македонскиот јазик во литературата.
Меѓу триесеттите и четириесеттите години од ова столетие во Софија делуваше поголема група млади македонски интелектуалци, страсно вљубени во пишаниот збор како средство преку кого можеа да ги изразат своите интимни чувства и размислувања, а и како средство да ги реализираат задачите на својата борба. Меѓу нив беа Никола Јонков Вапцаров, исклучителен поет на националната и социјалната борба, Антон Попов, поет и публицист, Михаил Сматракалев (Ангел Жаров), адвокат и поет, Иван Керезиев, ликовен уметник, Ѓорѓи Абаџиев, литерат, Мите Богоевски, поет, Коле Неделковски, поет, и уште некои други. Тие во 1938 година во Софија го формираа Македонскиот литературен кружок, чија задача, речиси, и не се разликуваше од задачите што пред него ги поставуваа друштвата за кои стана збор: афирмација на литературата напишана на македонски јазик. Бидејќи во Друштвото на писателите на Македонија меѓу сегашните негови членови има и Албанци, Турци, Срби и Власи, неговата задача не е само да ја афирмира литературата што се пишува на македонски јазик, туку и литературата што ја создаваат на својот мајчин јазик писателите од споменатите малцинства во Македонија.
На првата генерација современи македонски писатели набрзо со своето творештво им се приклучија уште и романсиерите Стале Попов и Јордан Леов, поетот Лазо Каровски, како и писателите за најмладите Васил Куноски, Волче Наумчески и Григор Поповски.
Во педесеттите години повеќе од забележително стана присуството на една нова генерација македонски писатели, чиј естетски императив се состоеше во негација на кодексираните и утврдени естетски норми, во минирањето на естетските прописи и конвенции, што би рекол литературниот критичар Милан Ѓурчинов. Неа ја сочинуваа Србо Ивановски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Цане Андреевски, Цветко Мартиновски, Симон Дракул, Благој Иванов, Димитар Солев, Анте Поповски, драмските автори Бранко Пендовски, Георги Сталев и Томе Арсовски, како и литературните критичари Александар Спасов, Милан Ѓурчинов, Александар Алексиев и Георги Старделов.
Таканаречената трета генерација македонски писатели што ја сочинуваа Живко Чинго, Петар Т. Бошковски, Јован Котевски, Петре М. Андреевски, Петар Ширилов, Методија Фотев, Љубен Ташковски, Ташко Георгиевски, Влада Урошевиќ, Радован Павловски, Јован Павловски, Јован Ивањин, Михаил Ренџов, Чедо Јакимовски, и уште некои други, ги внесе во македонската современа литература космополитските преокупации, митот и преданијата, лирските и магиски ориентации, ја внесе фантастиката, како што нагласува литературниот критичар Миодраг Друговац, кој, иако нешто постар, според времето на својата појава во македонската литература, и припаѓа на оваа генерација.
Седумдесеттите години македонската литература ја збогатија со нов вид поезија и проза повеќе имиња, меѓу кои би ги одделиле имињата на Митко Маџунков, Луан Старова (пишува и на албански јазик), Васе Манчев, Божин Павловски, Ката Мисиркова-Руменова, Зоран Ковачевски, Ристо Василевски, Трајан Петровски, Иван Чаповски, Светлана Христова - Јоциќ, Петре Бакевски, Тодор Чаловски, Веле Смилевски, Раде Силјан, Христо Георгиевски, Петко Дабески, Димитар Башевски, Крсте Чачански, како и драмските автори Горан Стефановски и Јордан Плевнеш, и уште многу други, кои и со својата младост и со разнообразноста на создавањето, ја збогатија современата македонска литература, сите свртени кон ултрамодерните или пак деконструистички струења.
Мошне богата не само по бројот на литератите што се занимаваат со неа, туку и по раскошот на темите и начинот на кажување, е македонската литераура за деца. Покрај веќе споменатите, во разгранувањето на детскиот свет учествуваат и Славко Јаневски, Србо Ивановски, Видое Подгорец, Евгенија Шуплинова, Томе Момировски, Јован Стрезовски, Видое Видически, Александар Поповски, Михо Атанасовски, Оливера Николова, Стојан Тарапуза, Јован Павловски, Бошко Смаќовски, Ристо Давчевски, Велко Неделковски, Милутин Бебековски, Рајко Јовчески и многу други членови или нечленови на писателската организација во Македонија, која во овој момент ја сочинуваат, речиси, тристе автори. За последниве триесет години во светот се појавија околу четириесет избори од современата македонска поезија, проза и современото драмско творештво, на сите поголеми јазици, меѓу кои на руски, англиски, француски, кинески, германски, полски, шпански, грчки, турски, малезиски, хинду јазикот, на јазиците на поранешните југословенски народи, на бугарски, албански итн.
Бројни се и имињата на писателите кои во Македонија создавале или создаваат на албански и турски јазик, јазици на кои не беше дозволено да се твори за време на Кралството Југославија, како и на македонскиот, впрочем. Меѓу авторите на албански јазик забележливо е творештвото на Муртеза Пеза, Љутви Руси, Мурат Исаку, Абдулазис Ислами, Сефедин Сулејмани, Адем Гајтани, Нехас Сопај, Фејзи Бојку, Ресул Шабани, Аслан Селмани и Калјош Челику, додека, пак, меѓу авторите што се изразувале на турски јазик неодминливо е творештвото на Шукри Рамо, Неџати Зекирија, Мустафа Карахасан, Фахри Каја, Илхами Емин, Есад Бајрам, Нусрет Дишу Улку, Суад Енгулу, Алаетин Тахир и други.
Во Република Македонија се одржуваат и две меѓународни литературни манифестации: Струшките вечери на поезијата и Рациновите средби. Ширум светот познатите Струшки вечери на поезијата започнаа сосема скромно на 15 јули 1961 година по повод стогодишнината од излегувањето на Зборникот на народни песни на македонските преродбеници од Струга, браќата Димитар и Константин Миладинови. Во 1965 фестивалот на поезијата стана меѓународна манифестација. Струшките вечери традиционално се одржуваат во втората половина на август. За изминативе повеќе од три децении на Вечерите присуствувале или пак зеле учество околу 3.500 писатели, главно поети, од речиси сите страни на земјината топка. Највисокото признание, наградата Златниот венец, досега го добиле признати светски мајстори на поетскиот збор, како, на пример, Винстон Хју Одн, Ален Гинзберг и Јосиф Бродски (САД), Еуџенио Монтале (Италија), Пабло Неруда (Чиле), Фазил Хисни Дагларџа (Турција), Леополд Седар Сенгор (Сенегал), Ежен Гилвик (Франција), Артур Лудквист (Шведска), Мирослав Крлежа (Хрватска), Ханс Енцесбергер (Германија), Блаже Конески (Македонија), Никита Станеску (Романија), Сачидананд Агјеј (Индија), Јанис Рицос (Грција), Тадеуш Ружевич (Полска), Десанка Максимовиќ (Србија), Томас Шапкот (Австралија), Рафаел Алберти и Хусто Хорхе Падрон (Шпанија), Ласло Наѓ и Ференц Јухас (Унгарија), руските поети Роберт Рождественски, Булат Окуџава и Андреј Вознесенски, како и Генадиј Ајги од руската република Чувашија. На Вечерите се доделува и високото признание наградата "Браќа Миладиновци" за најдобра поетска книга во годината од македонски автор.
Во знак на сеќавање на основоположникот на современата и модерна македонска литература, Коста Рацин, во неговото родно место, Велес, секоја есен се одржуваат Рациновите средби, посветени, главно, на прозното создавање, како и на богатото културно наследство на македонскиот народ. Досега содржината на Средбите ја определуваше симпозиумот, кој од првата година на одржувањето (19 и 20 декември 1964 година) се одржува редовно секоја година. Од 1971 година се доделува наградата Рациново признание за најдобра проза во Македонија за изминатата година. Веќе 30 години родното место на Рацин беше собиралиште на писатели од поранешниот југопростор, а од пред десетина години и на писатели од Балканот, зашто Средбите станаа балканска манифестација посветена на прозното создавање.
Во Македонија во текот на годината се одржуваат и други помали манифестации, како Поткозјачките денови, Вевчанските средби, средбите "Курурче" во Кичево, Празникот во Подгорци, Галичките среќавања, Бигорските средби, Дојрански ракувања и уште некои други, на кои литературното создавање има забележливо место.
Музика
Кон крајот на минатиот век по поголемите места на Македонија беше забележана појавата на хорови и оркестри, кои се служеа со нотното писмо, потиснувајќи ги турските чалгии, мали музички групи од народни инструменти, кои свиреа на слух и кои во македонската музика внесуваа ориентални моменти. Пејачкото друштво "Мокрањац", формирано во Скопје во 1922 година, одигра забележителна улога во развојот на музичкиот живот во Македонија. Во 1934 година во Скопје започна со работа и Музичкото училиште "Мокрањац". Во неговата работа учествуваа и Трајко Прокопиев и Тодор Скаловски, подоцна истакнати македонски композитори и основоположници на современата македонска музика, заедно со Стефан Гајдов, Живко Фирфов и Петре Богданов Кочко.
На 19 јануари 1947 година во зградата на тогашното Радио Скопје беше формирано Друштвото на продуктивните и репродуктивните музичари на Македонија, со што беа удрени темелите на организиран музички живот во штотуку формираната млада македонска држава. Во раководството на ова Друштво влегоа Петре Богданов Кочко (претседател), Тодор Скаловски, Славко Костовски, Васил Ќортошев, Живко Фирфов, Васил Ѓаконовски Шпато и Александар Шалевски. Задачите на Друштвото, главно, се сведуваа на тоа да се зачува народното музичко творештво како дел на богатото народно создавање; да се отворат музиколошки институции, што ќе помогнат при собирањето и обработката на фолклорните музички материјали; хорската музика да се постави врз современа основа; музичките школи да се претворат во жаришта и расадник на млади музички кадри и творештвото на композиторите да добие форма и содржина, која најубаво ќе им одговара на стремежите и потребите на македонскиот народ. Веќе на 5 февруари 1947 година се одржа и Концертот на симфонискиот оркестар на Радио Скопје под диригентство на Тодор Скаловски со солистите Дидар Али на виолина, Лилјана Костиќ на пијано, Глигор Смокварски на кларинет и Иван Влахов на виола. На програмата беа дела од Моцарт, Шопен и Дворжак. Тоа беше настан во музичкиот живот на земјата. Дел на историјата на музичкото живеење во Македонија беше и појавата на пет збирки со хорски композиции од македонски автори во текот на неколкуте наредни месеци од таа, 1947, година.
На 19 јуни 1950 година се формира Друштвото на композиторите на Македонија, со што, фактички, престана да постои Друштвото на продуктивните и репродуктивните музичари на Македонија. Во меѓувреме, беа изведени првиот македонски балет, балетот "Македонска повест" од Глигор Смокварски, и првата македонска опера, операта "Гоце" од Кирил Македонски, како и првите пообемни симфониски дела од младите македонски композитори.
Од таа втора генерација композитори би ги издвоиле Благоја Ивановски, Властимир Николовски, Таки Хрисик, Тома Прошев, Томислав Зографски, Сотир Голабовски, Александар Лековски, Драган Шуплевски и Михајло Николовски, кои со своето творештво богато ја проширија лепезата на музичките жанрови и го подигнаа квалитетот на музичкото создавање. Беше тоа забележителен подем на македонската музика, што уште побогато се разви со доаѓањето на цела плејада млади, високообразовани македонски музички автори, како Ристо Аврамовски, Стојче Тошевски, Александар Џамбазов, Стојан Стојков, Димче Николески, Љубомир Бранѓолица, Илија Илиевски, Благој Цанев, Тома Манчев, Славе Димитров, Кирил Тодоровски, Јане Коџобашија, Димитрие Бужаровски, Гоце Коларовски, Јана Андреевска и други, кои внесоа нова стилска, жанровска и естетска разновидност во македонското музичко творештво.
Опера и балет. Првичните пројави на музичко-сценската уметност во Македонија се бележат во почетните децении на XX век и директно се поврзани со постоењето и работата на театарските ансамбли во Скопје и Штип, а на определен начин и во Битола. Првите обиди и реализации можат да се согледаат во изведбите на драмите со пеење. Меѓу предусловите за музичко-сценската дејност се претходно формираните хорови, пејачки и музички друштва, камерни и поголеми оркестарски состави, како и основањето на музичките училишта - првото во 1910 година во Скопје.
Оваа дејност можеше да се роди, секако, само како резултат на ентузијазмот и активноста на повеќемина талентирани поединци, кои се покажаа како енергични и визионерски облагородени двигатели, организатори и творци на оперските, оперетските и балетските настапи, концерти и претстави.
Забележано е дека операта "Кавалерија рустикана" од Пјетро Маскањи била изведена во Скопје во 1915 година, на поттик и во организација на пријателите на музиката кои формираа и свое друштво.
Нешто подоцна Штип се претставува како созреана средина за доведување на музиката на театарска сцена Меѓу другото, градот има пејачко друштво, тука од Гевгелија доаѓа инвентивниот музички педагог од руско потекло Сергие Михајлов (1885-1975), а Душан Будимировиќ и Славко Нетков ја пишуваат операта "Македонка", чија праизведба, според сегашните сознанија, може да се вброи меѓу камен-темелниците за раѓањето на оперската дејност кај нас, како што наведува Ристо Стефановски во својата книга "Театарот во Македонија". Со неколкумина вокални солисти (Андрија Шчербаков, Благородна Бурова, Славко Нетков, Панче Мировски...) и со хорот на пејачкото друштво "Единство", Михајлов ја подготви премиерата на операта "Палјачи" од Руџеро Леонкавало (изведена во 1925 година), а ги планира и првите изведби на "Кармен" од Жорж Бизе, "Травијата" од Џузепе Верди и "Фауст" од Шарл Гуно. "Травијата", на пример, е изведена делумно, само првиот чин. Веќе кон 30-тите години, "оперскиот" ансамбл на штипскиот театар има околу 40 членови! Следуваат и изведбите на оперетите "Гејша" и "Мамзел Нитуш".
Во повеќето од овие проекти, главните улоги ги толкува Благородна Бурова (1910-1980), првата македонска оперска певица, во чиј репертоар се Павлина ("Македонка"), Неда ("Палјачи"), Виолета Валери ("Травијата") и Маргарита ("Фауст").
Откако во почетокот на 20-тите години Скопје имаше завидна серија оперски и балетски концерти со домашни уметници, како и со гости од Белград, Нови Сад, Петроград, Киев и Софија, и на таков начин се запознаваше со творбите на Леонкавало, Верди, Масне, Офенбах, Сен-Санс, Делиб и други мајстори, неговата публика стана желна за целовечерни претстави, каква што била "Кавалерија рустикана". Во 1923 и 1924 година беа изведени оперетите "Мамзел Нитуш" и "Убавата Елена".
Скопје во 30-тите години ги слушна и оперите "Травијата", "Мадам Батерфлај" од Џакомо Пучини, "Орфеј во пеколот" од Жак Офенбах и некои други што се изведуваа целосно или во делови.
Некои од имињата што решавачки ќе придонесат во развојот на оперската и балетската дејност во ослободена Македонија, како млади уметници (композитори, диригенти, пејачи...) веќе и се претставија на публиката во 30-тите години. Меѓу нив се Петре Богданов - Кочко (1913-1988), Трајко Прокопиев (1909-1989) и други. Оперскиот репертоар се надополни со "Кавалерија рустикана" и "Трубадур" од Џузепе Верди (во 1937, односно во 1938 година), а на балетските концерти се појавија Анатолија Жуковска, Милош Ристиќ, Нина Кирсанова, Пиа и Пино Млакар.
Интересен експеримент во предвоена Битола беше направен со неколку познати оперски творби. Немајќи доволен број музичари од профилите потребни за комплетни оперски изведби, театарските уметници се зафатија со поставувањето на драмските преработки на "Кармен", "Тоска" и "Во долината" што ги изведуваа како драми со пеење, користејќи ја оперската музика на Жорж Бизе, Џакомо Пучини и Ежек д'Албер.
Творечката експлозија на македонските уметници, кои по подолго време можеа повторно да создаваат на мајчин јазик, почнувајќи од 1945 година, нормално се почувствува и кај музичко-сценските уметници. Во првите две слободни години се создадоа предусловите за вистински професионален почеток на оперската, а потоа и на балетската уметност во Македонија.
Деветти мај 1947 година останува забележан како ден на првата оперска премиера на македонски јазик во изведба на новооснованата Опера на Македонскиот народен театар во Скопје. "Кавалерија рустикана" (или: "Селска чест") од Пјетро Маскани ја подготвија и изведоа: Тодор Скаловски (диригент), Бранко Поморишац (режисер), Петре Богданов-Кочко, Тодор Скаловски и Стефан Гајдов (хор-мајстор), Лилјана Костиќ-Топалоска (корепетитор), Стефан Гајдов и Живко Фирфов (инспициент и суфлер - пример на прекрасен ентузијазам) и вокалните солисти Елисавета Савченко и Данка Фирфова (Сактуца), Милка Гушевска (Лола), Петре Богданов-Кочко (Труиду), Стефан Русјаков (Алфио) и Ганка Атанасова-Марковиќ (Лучија) заедно со Симфонскиот радиооркестар, Радиохорот и Студентскиот хор.
Набрзо деби имаа и првите македонски балетски уметници. За изведбата на "Травијата" (29. ноември 1948) кореографот и играч Ѓорѓи Македонски ја постави толку успешно балетската игра, што таа кореографија и денес се игра (речиси половина век!) во оваа опера. Балетот, потоа, се претстави со пообемната "Валпургиска ноќ" (од операта "Фауст"), а на 4 јануари 1950 година ја прикажа и првата целовечерна претстава - "Бахчисарајска фонтана" од Борис Асфајев, во кореографија на Ѓорѓи Македонски.
Во своите почетни години, Операта на МНТ се зафати со најубавите дела од "железниот" репертоар - "Палјачи" од Руџеро Леонкавало, "Тоска" од Џакомо Пучини, "Орфеј и Евридика" од Кристоф Всилибалд Глук и "Травијата" од Џузепе Верди (сите под диригентство на Тодор Скаловски), потоа "Грабнување од сарајот" од Волфганг Амадеус Моцарт под диригентство на Ловро Матачиќ (1899-1985), "Продадена невеста" од Беджих Сметана (диригент Трајко Прокопиев), "Боеми" од Џакомо Пучини и "Кармен" од Жорж Бизе. Веднаш потоа, природно, следуваше цела една "вердијана" со премиерите на "Трубадур", "Риголето", "Аида" и "Бал под маски", преплетени со дела од Чимароза, Чајковски, Масне и Росини.
Растеше и цела плејада вокални солисти, кои целиот товар го понесоа заедно со музичарите, сценографите, костимографите, режисерите и кореографите. Тие години подем доживеа и музичкото образование преку основање музички училишта (нижи или средни или и едни и други) во Скопје, Велес, Куманово, Прилеп, Струмица, Тетово, Охрид, Кочани и Кавадарци, што кулминираше со формирањето на Високата музичка школа во 1966 година, односно, сегашниот Факултет за музичка уметност во Скопје. Се организира и балетското образование на ниво на училиште, денес во рамките на скопскиот Музичко-балетски училиштен центар "Илија Николовски - Луј".
Меѓу првите оперски пејачи остануваат забележани имињата на Петре Богданов-Кочко, Васил Ќортошев, Фанка Икономова, Стефан Русјаков, Васка Биџова-Гајдова, Томче Грнчаровски, Ана Липша-Тофовиќ, Павлина Апостолова, Благоја Петров-Караѓуле, Гога Трајков, Станко Липша, Марија Мирчов-Скаловска, Методија Илиевска - Креола, Димитар Мариновски и Данчо Митровски, подоцна оперски режисер. Во тој период своите први сценографии и костимографии ги создадоа Тома Владимирски, Василие Поповиќ-Цицо, Бранко Костовски, нешто подоцна и Рада Петрова.
Балетскиот ансамбл, во кој како први македонски балетски уметници се јавуваат Ѓорѓи Македонски, Натка Пенушлиска-Митровска, Магдалена Јанева, Елпида Паковска, Елица Поповска, Емилија Џипунова, Тони Шулевски, Олга Милосавлева, Јанка Атанасова, Вера Бранѓолица, Константин Лашков, Борис Петковски, Александар Доброхотов и неколкумина други, на оперскиот му парираше со поставувањето на големиот класичен репертоар "Копелија" од Делиб, "Заспаната убавица" од Чајковски, "Жизел" од Адам (сите во кореографија на Нина Кирсанова), "Лебедово езеро" од Чајковски (кореографија на Ѓорѓи Македонски), "Дон Кихот" од Минкус, "Ромео и Џулиета", од Прокофјев.
Натамошниот развој на оперскиот и балетскиот ансамбл на МНТ пред и во 60-тите години го овозможи појавата на помладата генерација пејачи - од Ѓорѓи Божиков, Никола Гагов, Милка Ефтимова, Благоја Николовски, Стојан Ганчев-Стојанов и Анастасија Димитрова, преку Миомир Тасиќ, Анастазија Низамова, Лилјана Зенделска и Симеон Гугуловски до Мира Бунарџиева, Борис Трајанов, Славица Петровска - Галиќ..., и балетски уметници (Јован Пашти, Александар Стојановиќ, Лилјана Баталакова, Ѓурѓица Јовановска, Александар Хаџиманов, Екрем Хусеин, Марин Црвенов, Тони Баталков, Борис Карев, Јагода Сланева, Зоран Велевски, Зоица Пуровска, Тања Вуисиќ-Тодоровска, Ирина Ветерова, Горан Божинов, Сузана Момировска...), кои со својот уметнички имиџ го инаугурираа и посовремениот музичко-сценски израз. Напоредно со нив, и некои уметници - гости настапуваа и работеа во Скопје по неколку сезони (Марио Ѓуранец, Ана Иванишевиќ, Коста Шуваковиќ, Јуриј Мјачин, Вера Костиќ, Ино Перишиќ...). За целиот оперско-балетски репертоар обединувачката уметничка грижа ја имаа диригентите Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Кирил Спировски, Ангел Шурев, Фимчо Муратовски, Александар Лековски, Ванчо Чавдарски, Томислав Шопов и други.
Не долго по основањето на оперскиот и балетскиот ансамбл на МНТ, уметниците се најдоа пред прекрасниот предизвик - праизведба на творби од македонски автори. Така, од првиот македонски балет "Македонска повест" од Глигор Смокварски, во кореографија на Димитрие Парлиќ, во 1953 година, публиката до денес ги проследи праизведбите на триесетина творби од македонските композитори Трајко Прокопиев ("Лабин и Дојрана" - прв македонски целовечерен балет), Љубомир Бранѓолица ("Велеградски варијации", "Воена приказна", "Одблесок", "Дубровничка легенда", "Соѕвездието на Блаже Конески"), Тома Прошев ("Рамки и одѕиви", "Песна над песните"), Александар Лековски ("Стремежи"), Томислав Зографски, Благоја Ивановски, Димитрие Бужаровски, Влатко Стефановски, Бодан Арсовски и други. На балетската сцена во сиве овие години како кореограф со извонредно голем опус ("Лабин и Дојрана", "Одблесок", "Болеро", "Штраусијада", "Зодијак") беше присутна Олга Милосавлева, како и некои други поранешни играчи: Натка Пенушлиска - Митровска, Екрем Хусеин, Марин Црвенов, Александар Стојановиќ, Јагода Сланева.
Македонската национална опера со појави во 1954 година со праизведбата на "Гоце" од Кирил Македонски, автор и на оперите "Цар Самуил" и "Илинден". Меѓу македонските оперски композитори, чии творби се праизведени во МНТ, се и Тома Прошев со "Пајажина" и "Малиот принц", Трајко Прокопиев со "Разделба" и "Кузман Капидан", Ристо Аврамовски ("Болен Дојчин"), Димитрие Бужаровски (Шеќерна приказна"), Сотир Голабовски ("Приказна за штурецот и мравките") и Благоја Трајков ("Бразда").
За заокружување на ваквото претставување на оперската и балетската дејност во Македонија, задолжително следуваат и податоците за мошне значајната меѓународна манифестација Мајските оперски вечери, што секоја година од 1972 се одржуваат во Скопје како замисла, иницијатива и првична организација на Васил Ќортошев. Мајските оперски вечери станаа смотра на уметниците од педесетина земји, често прикажувајќи претстави со висок меѓународен просек, а петнаесетина од нив го претставуваат речиси самиот врв на светската оперска репродуктива во дадениот миг (Николае Херлеа, Владислав Пјавко, Радмила Бакочевиќ, Жужа Мисура, Миора Кортес-Давид...). Учествувајки во сите изведби на МОВ, како еден исклучително инсистивен ангажман, и самиот оперски ансамбл на МНТ, во помала мера и балетскиот, добија димензии што инаку, веројатно, ќе се создаваа за многу време или, воопшто, не ќе беа создадени.
Сликарство
Од почетокот на XVIII век може континуирано да се следи творештвото на македонските зографи. Зографот Силјан од Тресонче го забележал своето име на една икона во црквата Успението на Богородица во Велес. И ја забележал годината кога ја насликал иконата: 1725. Оттогаш па сè до 1880 година, кога се изработени првите сликарски трудови на Димитар Андонов Папрадишки, кој ги напушти утврдените формули на црковната уметност, низ Македонија ќе се појават цела плејада врвни зографи, чии дела ќе заокружат еден цел период на црковното сликарство. Меѓу нив треба да се одбележат Трпе Зографот, кој ја наслика капелата со гробот на Свети Наум во истоимениот манастир, Теодосие Зографот, роден во Велес, зад кого остана насликана црквата Успението на Богородица во Ново Село крај Штип, како и платното "Богородица Скоропомошница" (1828) на кое го наслика својот автопортрет и портретите на сопствената жена и синот. Тие години во Велес работат и неколкумина зографи, меѓу кои и Крсте Поп Трајановиќ, Дамјан Јанкулов, неговиот син Ѓорѓи и уште некои. Во првата половина на XIX век од Јужна Албанија во Македонија се доселува и една група зографи, меѓу кои најпознат е Михајло со синовите Димитрија и Никола, кои ја украсиле машката трпезарија на манастирот Свети Јован Бигорски со фрески, а го насликале и иконостасот на манастирската црква (1830-1833). Зографот Ѓорѓи и син му Мануил од Костур во 1846 година го изработиле иконостасот во црквата Свети Димитрие во Битола, а Мануил нешто подоцна ја украсил со фрески и црквата Великиот св. Врач во Охрид.
Во втората половина на XIX век зографите што работеле ширум земјата потекнувале од Македонија. Меѓу нив најистакнат е Дичо Зографот (Димитар Крстев) од дебарското село Тресонче. Тој работел фрески по повеќе цркви низ западна Македонија, меѓу кои и фреските во манастирската црква во Свети Јован Бигорски и црквата Свети Ѓорѓија Победоносецот во селото Рајчица, во времето од 1848 до 1852 година, а работел и на иконостасот и исликувањето на црквата Свети Никола Геракомија во Охрид (1862-1869). Во галеријата македонски зографи од втората половина на XIX век забележани се и имињата на Благој Дамјанов од Тресонче со синовите Михаил и Христо, потоа зографите од родот Фрчковски: Христо Макриев, Кузман Блаженов со синот Јанко, Данаил Несторов и уште некои други.
Димитар Папрадишки (1859-1954) ги напушта нормите на црковното сликарство и често се свртувал кон профани теми. Покрај голем број икони и ѕидни композиции, Папрадишки зад себе остави и голем број реалистични портрети, пејсажи, и слики со патриотска содржина. Помладиот Ѓорѓи Зографски (1871-1945) е изразит фигуративен сликар, зад кого останаа голем број портрети.
Основата на современото и модерно македонско сликарство ја поставија неколку сликари од триесеттите години на ова столетие, кои своето образование го стекнаа и надополнуваа по европските сликарски центри. Беа тоа Димитар Пандилов-Аврамовски, Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, Вангел Коџоман, Тома Владимирски, Љубомир Белогаски, Василие Поповиќ-Цицо, Кирил Караџа, Димче Коцо и Борко Лазески.
Веднаш по ослободувањето, веќе во 1945 година, во Скопје почна да работи Уметничкото училиште. А идната година, во 1946, беше формирано и Друштвото на ликовните уметници на Македонија, ДЛУМ. Првата групна изложба на членовите на асоцијацијата на ликовните уметници на Македонија беше приредена во Скопје во 1947 година. Од 1949 година во Скопје работи Уметничката галерија. Една година по катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, е отворен Музејот на современа уметност, кој, заедно со неколкуте галерии, одигра решавачка улога во развојот на ликовната уметност во Македонија. И колку што одминуваа годините, толку повеќе темите врзани за Револуцијата и изградбата на земјата им препуштаа место на универзалните теми врзани за човекот и неговото постоење. Генерациите што доаѓаа и на кои им се придружија и сликарите од најстарата генерација, сè повеќе го ширеа своето интересирање за можностите на формата и стилот. Пеце Видимче, Миле Корубин, Ристо Лозановски, Катја Ефтимова, Борислав Трајковски, Петар Мазев, Спасе Куноски, Тома Шијак, Љубодраг Маринковиќ-Пенкин, Ордан Петлевски, Драгутин Аврамоски-Гуте, Иван Велков, Ванчо Георгиевски, Димитар Кондовски, Богољуб Ивковиќ, Ристо Калчевски, Трајче Јанчевски, а нешто потоа и Родољуб Анастасов, Вангел Наумовски, Душко Стојановски и уште некои други, внесоа во македонското сликарство истенчен цртачки и колоритен израз, навлегоа во фантастичното, еротичното и потсвесното, создавајќи богат распон на слики од надреалистичкото сликање, преку реализмот во изразот, па сè до наивниот поглед на светот.
Изразеното интересирање за традицијата и откривањето нови односи спрема физичкиот и социјалниот амбиент на Македонија, според мислењето на историчарите на уметноста, се карактеристични за големата група извонредни сликари што својата најава ја одбележаа меѓу шеесеттите и седумдесеттите години. Меѓу другите во оваа група можат да се вбројат: Глигор Чемерски, Александар Ристески, Илинка Глигорева, Симеон Шемов, Нове Франговски, Васко Ташковски, Танас Луловски, Никола Фидановски, Ана Темкова, Рубенс Корубин, Душан Перчинков, Доне Милјановски, Коле Манев, Павле Кузмановски, Таки Павловски, Владимир Георгиевски, Кирил Ефремов, Илија Пенушлиски, Ѓоко Матевски, Жарко Јакимовски, Димитар Манев, Илија Кочовски, Благоја Николовски, Илија Аризанов, Глигор Стефанов и други.
Современата графика во Македонија своите почетоци ги регистрира пред Втората светска војна низ дрворезите и линорезите на Василие Поповиќ-Цицо, Димитар Пандилов-Аврамовски, Љубомир Белогаски, Борко Лазески и низ илустрациите на Никола Мартиновски. По Војната голем број од младите ликовни уметници исклучително се занимаваа со графиката, како, на пример, Божин Барутовски, Менче Спировска, Драган Биков, Томислав Крмов, Димитар Малиданов, Георги Чулаковски, Билјана Унковска и уште некои други.
Дата за вајарството претставува појавата на академскиот скулптор Ефтим Андонов (1885-1926), додека пак Димо Тодоровски (1907-1983), според историчарите на уметноста, е основоположник на современата македонска скулптура. Богатата листа на современи македонски вајари не може без имињата на Борка Аврамова, Јордан Грабуловски, Боро Митриќески, Илија Аџиевски, Петар Хаџи Бошков, Томе Серафимовски, Драган Попоски-Дада, Стефан Маневски, Васил Василев, Насо Беќароски, Бранко Конески, Анета Светиева, Олга Милиќ, Благоја Чушков, Александар Ивановски-Карадаре, Милан Јовановиќ и Никола Шентевски.
Со обликување на просторот и со обликување на мебел се занимавале или пак се занимаваат М. Чакеља, Л. Кубеш, С. Брезовски, Ѓ. Георгиевски, Д. Шојлевски. Во областа на сценографијата познати се имињата на Василие Поповиќ-Цицо, Тома Владимирски, Бранко Костовски, Диме Шумка, Димитар Кондовски, Владимир Георгиевски, а меѓу помладите Крсте С. Џидров, Валентин Светозерев, Александар Карадаре, Мустафа Асим и други; со текстил и мода се занимаваат Рада Петрова-Малкиќ, Душко Стојановски, Елена Патрногиќ, Ѓорѓи Здравев, Зорица Тодоровска, Елена Дончева, Лира Грабул, Мери Ѓорѓиевска и Благој Мицевски. Познати се таписериите на Лазар Личеноски, Димче Протуѓер, Димче Коцо, Доне Милјановски и Слободан Трајковски. Македонија има и повеќемина вонредни уметници што се занимаваат со илустрации и опрема на книги, меѓу кои Нико Този, Коста Бојаџиевски, Димитар Кондовски, Младен Туниќ, Ацо Каевски, Александар Цветковски, Константин Танчев-Динка, Кочо Фидановски, Димче Исајловски и други. Во областа на уметничката фотографија остануваат забележани имињата на Благој Дрнков, Киро Билбиловски, Живко Јаневски, Роберт Јаки и Александар Цветиновски.
Архитектура
Веќе е речено дека во втората половина на XIX век народната архитектура во Македонија влегува во својата богата, оригинална и зрела фаза, особено изразена преку станбените објекти во Охрид, Крушево, Велес и Кратово. Европското влијание во архитектурата на Македонија, кое особено се засилува кон крајот на овој век, преку јасно изразени еклектички постапки, видливо е, да речеме, во градската архитектура на Битола и Скопје.
Времето на обновата и изградбата на земјата, што значи времето по 1944 година, е одбележано со интензивно градење, при што се афирмира македонската архитектура, напоредно со националната афирмација на Македонија. Реализирани преку ургентни програми на изградба, тогаш изградените објекти и припаѓаа на една рационална и непретенциозна архитектура. Меѓутоа, кон педесеттите години веќе се појави група архитекти чиј творечки сензибилитет беше оформен со директно влијание на современата европска и светска архитектура. С. Томовски, М. Чакеља, Борис Чипан, Александар Серафимовски, Крум Томовски, Славко Брезовски, Ристо Галиќ и Душко Пецевски, како и нешто помладите: Д. Петков, В. Ќосевски, Љ. Томиќ и Р. Шеќерински, заедно со некои архитекти од другите тогашни југорепублики (А. Урлих, Е. Михевц, Ѓ. Анцел, Ј. Ранковиќ и архитектот од Чехословачка Лудек Кубеш), отворија нов простор во областа на македонската архитектура. По земјотресот во 1963 година Скопје стана центар на едно ново просторно планирање и архитектурна активност. Повеќе архитекти со светско реноме (К. Танге од Токио, Ван дер Брук и Ј. Бакем од Ротердам, Л. Пинцинато од Рим, тимови архитекти од Варшава и Атина, потоа Е. Равникар од Љубљана и Ф. Вензлер и Р. Мишевиќ од Загреб) работеа на новиот урбанистички план на настраданиот град и стимулативно делуваа на широчината на архитектонските погледи што го карактеризираа обликувањето на македонската престолнина. Во обновата на Скопје се потврдија некои веќе познати имиња и се јавувија нови: В. Ладинска, А. Смилевски, С. Ѓуриќ, В. Ќосева, Н. Богачев, С. Симоски. Кон средината на шеесеттите години се формира група архитекти, кои школувањето го завршиле во Скопје. Тоа е силна генерација, која своето присуство го одбележа со низа објекти, модерни и инспирирани од современата архитектонска мисла. Меѓу нив се Љубинка Маленкова, Ѓорѓи и Јанко Константинови, Петар Муличковски, Благоја Колев, Трајко Димитров, Љубен Најденов, Радомир Лаловиќ, Кирил Муратовски, Живко Поповски, Живко Гелевски, а нешто подоцна и Владимир Николовски, Илија Герасимовски, Мирослав Сидовски, Н. Боциева, Кирил Заров, П. Митков, С. и М. Хаџиеви, В. Николиќева, Никола Карташев, Михаил Гранков, Т. Паскали, В. и Д. Зарчеви, П. Балабанов и уште некои.
Театар
Упатените сметаат дека почетоците на театарската игра треба да се бараат во дионисовските баханалии на овој простор. Богот Дионис, низ игра, преправен во јарец или бик, доаѓа меѓу луѓето и ги ослободува од животните потешкотии, грижи и проблеми. Археолошките наоди во Македонија го потврдуваат гледиштето дека античката драмска уметност во сите фази од својот развој оставала траги на своето присуство и на овој простор.
Фигурата на божицата Менада, најдена крај Тетово (оттука и името на овој скапоцен археолошки наод - Тетовска Менада) од VI век пред новата ера, црвенофигуралната хидрија од V век пред Христа откопана кај Демир Капија, црвенофигурален сад (IV век п.н.е.) на кој се прикажани Дионис и група менади, што се чува во Археолошкиот музеј во Скопје, како и наодите што зборуваат за популарноста на артистите, убедливо говорат за присуството на театарската игра меѓу населението на древна Македонија и нејзината широка прифатеност. Како што порано беше речено, во Македонија се пронајдени четири антички театри и тоа во Стоби, Хераклеа, Охрид и Скупи. Византијците негувале повеќе театарски форми што имало и свое влијание на нивната популарност и на овие простори. На пример, драми, жонглераи, трки со коњи, ловење диви животни и така натаму. За време на панаѓурите се изведувале кратки сценски изведби, што го забавувале и привлекувале народот. И Словените имале свои игри во кои, покрај луѓето, учествувале и кукли и свирачи. Црквата, во принцип, се определувала против сите форми на сценските игри. Јован Златоуст огорчено се спротивставувал на нив, зашто, според него "на нив може да се види и блуд и прељуба, можат да се чујат богохулни зборови, така што болеста влегува и преку очите и преку ушите".
Многу обичаи кај Словените, како бабарите, василичарите, коледарите, лазаричарите, додоларите, русалиите и други, содржат во себе изразити драмски елементи, кои, мошне често, се испреплетени со пеење и музика. Сите тие во секојдневниот живот се поврзани со народните верувања и своите корени ги влечат од паганските времиња. Преку овие "бесовски игри", како што црквата ги нарекувала народните обичаи, кои излегувале од рамките на нејзините канони, го дополнувале верувањето дека со одредени обредни чинови може да се истераат лошите духови, да се повика дождот, да им се посака бериќетна година на соседите и пријателите и слично.
За време на османлиското владеење со Македонија популарни биле театарските форми караѓоз и медих, доста широко распространети низ земјата. Доста брзиот развој на театарскиот живот во Истанбул, кон средината на XIX век, се разбира, нашол соодветен одраз и во внатрешноста на империјата, во Македонија, во прв ред во Солун, а нешто потоа и во Скопје и во Битола. Забележано е дека во Скопје во 1897 година гостувала ерменската театарска група на Богес, која потоа и останала во Скопје како "Богес театар".
Првата театарска зграда на просторот на денешна Република Македонија е изградена во Скопје од скопскиот валија Шефкет паша во 1906 година. Репертоарот, главно, бил пополнуван со гостувања на театарски групи и ансамбли. Речиси во исто време и во Битола се градела театарска зграда. Оваа зграда почнала да се гради во 1897, на инсистирање на битолскиот валија Абдул Керим, а била завршена во 1908 година.
Зачетник на македонската драмска литература и театарската дејност на македонски јазик е Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Овој немирен дух, истакнат македонски преродбеник, во средината на XIX век со повеќе драмолети создаде простор за ново и посебно духовно изразување на Македонецот - театарот. Со негово ангажирање, во Велес, во декември 1874 година е прикажана првата претстава на велешките театарски аматери "Пропаднат трговец или смртна жртва". Неколку месеци потоа во Велес беше формирана драмска секција во рамките на Друштвото за народна просвета "Искра". Набргу беше одржана и втората премиера, овојпат на драмата "Многустрадалната Геновева", во која, за првпат во историјата на македонскиот театар, настапи артистка. Беше тоа учителката Т. А. Коларова. Дотогаш секогаш женските роли ги толкуваа артисти.
Вистинскиот основоположник на современиот македонски театар е Војдан Чернодрински, кој со своите многубројни драмски текстови цврсто се врза за идеалите на својот народ и саканата слобода на татковината. Недвојбено е мислењето дека драмското и театарско дело на Чернодрински (тој имаше и своја театарска група наречена "Млада македонска дружина") изврши особена драмска и национална мисија. Премиерата на неговата драма "Македонска крвава свадба", одржана на 7 ноември 1900 година е голема дата на македонскиот театар. Драмата и ден денес го пополнува репертоарот на македонските театри.
Прв постојан театар во Македонија е формиран кон крајот на 1913 година. Тоа е Српското народно позориште, чиј управник станал Бранислав Нушиќ. На сцената на овој театар во сезоната 1927-1928 година е поставена првата драма на македонски јазик - драмата "Ленче кумановче" на младиот Васил Иљовски. Претставата имала краток век. Таа повторно, доста видоизменета, е поставена на сцената на Српското позориште во Скопје, во 1936 година, доживувајќи забележително убав успех. Една година откако "Ленче Кумановче" ја доживеа својата премиера, во 1928 година, Антон Панов ја предложи и на белградскиот и скопскиот театар "драмата со пеење од јужносрбијанскиот живот во 4 слики", "Печалбари". Оваа пиеса својата премиера ја доживеа во Скопје дури во 1936 година и остави "невидено силен впечаток кај публиката", како што регистрираа весниците. "Печалбари" остана на репертоарот сè до 1940 година, доживувајќи 71 претстава и привлекувајќи 28.423 гледачи. На 27 април 1937 година својата премиера ја доживеа и втората пиеса на Васил Иљоски "Нагазил човекот", подоцна позната и општоприфатена како "Чорбаџи Теодос". Кон крајот на декември 1938 година, премиерно, на сцената на скопскиот театар е изведена пиесата на чевларот од Струга, Ристо Крле, "Парите се отепвачка", напишана, исто така, на македонски јазик, меѓутоа, во најавите и во официјалните гласила настојчиво најавувана како "драма напишана на јужносрпски дијалект", што е дел на широкото непризнавање на самобитноста на македонскиот народ во кралството Југославија, па вклучително на тоа и на постоењето на македонскиот јазик. Во сезоната 1939-1940 беше изведена и втората пиеса на Крле, "Антица", а есента 1940 година својата премиера ја доживеа и неговата трета творба "Милион маченици". Периодот во кој се јавуваат драмските творби на Иљоски, Панов и Крле, е период на сигурно навлегување на македонскиот жив говорен народен јазик во литературата и јасно зацртување на нејзините современи текови.
Со редовен театарски живот, ако може така да се рече, Битола се здоби уште во 1918 година, кога Воениот театар на Тоша Јовановиќ прерасна во Градско позориште у Битољу. Поради финансиски потешкотии Театарот престануваше со работа, па пак почнуваше, додека со официјален акт на Министерството за просвета од август 1924 година битолскиот театар не стана државна институција со име Градско позориште. Во април 1926 година скопскиот и битолскиот театар се обединиле во една театарска институција, под заедничко име Скопљанско-битољско народно позориште. Само по една година скопјани ја напуштиле Битола, а театарската група од овој град ја распуштиле. Всушност, скопските артисти повеќе немале потреба од театарска зграда - била предадена новата зграда на скопскиот театар крај Вардар. По многу перипетии од 1932 до 1937 година театарот во Битола работел под името "Добро поле" и во него работеле поголем број имиња, кои и подоцна му останаа верни на Театарот, како Петар Велјановски, Павле Павловски, Борис Бошлаковски, Петар Жежоски, Веле Гоцо, а со Театарот соработувале тогаш младите Димче и Ацо Стефановски.
Постоењето на театарот во Скопје не значи дека во другите места ширум Македонија не постоела театарска активност. Во повеќето од нив (Битола, Велес, Гевгелија, Прилеп, Тетово, Струмица, Охрид) се развивала театарската игра, чија улога во ширењето на љубовта кон театарот воопшто не била занемарлива. Низ денешна Република Македонија до 1940 година крстосувале повеќе патувачки театри, главно од Србија. Меѓу нив и Државниот бенефициран вардарски театар "Боеми" на велешанецот Петре Прличко и театарот на најстариот македонски артист, Димче Трајковски. Во него, покрај другите, извесно време работеле и Тодорче Николовски и Трајко Чоревски.
Веднаш по ослободувањето на Скопје, во ноември 1944 година, е формиран првиот професионален театар во слободна Македонија: група артисти, главно, членови на военото културно-уметничко друштво "Кочо Рацин", го сочинуваа ансамблот на штотуку формираниот Македонски народен театар. Меѓу нив беа Петре Прличко, Тодор Николовски, Илија Џувалековски, Мери Бошкова, Киро Ќортошев, Тодорка Кондева, Илија Милчин, Крум Стојанов, Цветанка Јакимовска, Тома Кировски, Добрила Пуцкова, Стојка Цекова, Борис Стефановски, Вукан Диневски, Дарко Дамески, Драги Костовски, Драги Крстевски и Ацо Јовановски. Со режија се занимаваа првиот директор на театарот, Димитар Ќостаров, а и артистите Петре Прличко и Илија Милчин. Во другите театри настапуваа: Душан Наумовски, Коста Џекоски, Ацо и Димче Стефановски, Петар Велјановски, Петар Стојкоски, Олга Наумовска, Љубиша Трајковски (Битола), Мирко Стефановски, Нада Гешовска, Димитар Гешовски, Кирил Жежоски, Цане Насоски, Рампо Конески, Правда Илиќ (Прилеп), Алеко Протогеров, Илија Арев, Ружа Икономова и Тома Гаговски (Штип), Борис Бегинов, Никола Димитров и Оливера Николова (Велес), Стојан Гагов и Александар Думов (Струмица), Ѓоко Николовски и Петар Тасевски (Куманово), Панта Николиќ, Аце Цветковски, Панче Камџик и Убавка Славуиќ (Тетово), Ердан Максут, Мустафа Јашар, Екаса Касо, Атила Клинче (Турската драма при Театарот на народностите) и Марк Марку, Бајруш Мјаку, Сефедин Нуредини, Силвана Бајчиновци, Лиман Нијази, Теута Ајдини во Албанската драма на Театарот на народностите во Скопје.
Додека во Македонскиот народен театар се подготвуваше првата премиера, драмата "Платон Кречет" од А. Корнејчук, ансамблот прикажуваше драмолети со воена содржина. Премиерата на "Платон Кречет" се одржа на 3 април 1945 година и тоа може да се смета за дата од кога почнува бурниот и брз развој на современата македонска театарска игра, која во наредните децении постигна вонредни резултати. Дваесетина години потоа Македонскиот народен театар имаше со што да се пофали: повеќе од шеесет премиерни изведби на дела, почнувајќи од домашните, македонски автори, Иљоски и Чашуле, преку класиците на југословенската драмска литература, како Крлежа, Нушиќ, Цанкар, Маринковиќ, па сè до мајсторите на драмскиот текст Шекспир, Молиер, Гогољ, Островски, Горки, Шилер и Шо.
Во Битола, исто така, есента 1944 година се формира професионален театар, а во текот на наредните години професионални театри беа формирани и во други поголеми места во Македонија. Денес професионални театарски куќи постојат во Скопје (Драмата при Македонскиот народен театар, Драмскиот театар, Театарот на народностите со Албанска и Турска драма и Театарот за деца), Битола, Куманово, Прилеп, Штип, Велес и Струмица. Убава улога во театарскиот живот на Македонија одигра и Театарот на Ромите од Скопје, кој пред неколку години се пресели во Германија.
Во текот на изминатите децении македонскиот театар забележа редок процут, исполнет со богата програмска политика, јасно изразени естетски тенденции, збогатување на имињата што го подигаа неговиот авторитет и неговото присуство во културниот живот на Македонија го одбележија како една од клучните компоненти на духовната надградба. Се појавија нови драмски автори: Бранко Пендовски, Томе Арсовски, Живко Чинго, Горан Стефановски, Јордан Плевнеш, па сè до најмладите: Дејан Дуковски, Жанина Мирчевска, Сашо Насев, Маја Стефановиќ, Огнен Неделковски и Југослав Петровски. Режисерите Љубиша Георгиевски, Слободан Унковски, Владимир Милчин, Бранко Ставрев, Коле Ангеловски, Рахим Бурхан, Душко Наумовски, Ацо Алексов, Димитар Христов, Љупчо Тозија, Ѓорѓи Стојановски, Стојан Стојановски, Владимир Цветановски, Сашо Миленковски, Горан Тренчовски, Александар Поповски, Дарко Митревски, Љупчо Ѓорѓиевски, потпирајќи се врз најдобрите тенденции на модерниот европски театар, со своите поставки низ театарските куќи на Македонија, како и на бројните гостувања во Америка, Русија, Полска, Франција, Чехословачка, Бугарија, и низ сите позначајни театарски куќи на поранешна Југославија, го утврдија местото на македонскиот театар во општите движења на духот. Во меѓувреме, особено по формирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на сцените низ Македонија заиграа млади, ослободени од театарски предрасуди артисти, кои знаеја со својата игра, како и режисерите, впрочем, на најзначајните манифестации во поранешна Југославија (Стерииното позорје, Фестивалот на малите сцени во Сараево и така натаму), да ги освојат највисоките признанија. Би требало да се одбележат имињата на Ристо Шишков, Мето Јовановски, Милица Стојанова, Јоана Поповска, Мите Грозданов, Снежана Стамеска, Ненад Стојановски, Владимир Светиев, Љупчо Петрушевски, Душко Костовски, Кирил Андоновски, Кирил Ристовски, Анче Џамбазова, Славчо Нинов, Коле Ангеловски, Петар Темелковски, Стево Спасовски, Емил Рубен, Сабина Ајрула-Този, Бедија Бејоглу, Салаетин Билал, Катина Иванова, Снежана Коневска-Руси, Мими Таневска, Силвија Стојановска, Емилија Андреева, Соња Михајлова, Ѓорѓи Јолевски, Петар Мирчевски, Филимен Џинев, Катерина Коцевска, Никола Ристановски, Магдалена Ризова, Сенко Велинов, Драган Спасов, Билјана Беличанец, Билјана Таневска, Игор Џамбазов, Владо Јовановски и други.
Голем е бројот на полупрофесионалните и аматерски театри ширум Републиката. За оние што ги сакаат статистичките податоци: Битолскиот театар во сезоната 1990-1991 година извел 13 драмски дела со вкупно 146 претстави, следени од 56.500 гледачи. Кумановскиот театар во истата сезона реализирал само четири премиери со вкупно 31 претстава што ги следеле 6.630 гледачи. Петте премиери на театарот во Прилеп доживеале 90 претстави. Нив ги следеле 23.330 посетители. Скопските театри во таа иста сезона на своите сцени поставиле 60 драмски дела, кои доживеале 531 претстава и привлекле 193.481 гледач. На сцената на Струмичкиот театар седум драмски текста ја доживеале својата премиера. Тие биле репрезирани 61 пат и привлекле 17.621 гледач. Театарот во Велес реализирал четири премиери, кои доживеале 85 прикажувања и привлекле 30.450 посетители. И најпосле - Штипскиот театар кој на своите пет премиери во сезоната 1990-1991 и нивните 75 прикажувања собрал 19.450 посетители.
Од 4 до 10 јуни 1965 година во организација на Здружението на драмските уметници на Македонија беа одржани Првите театарски игри во Прилеп на професионалните театри од Републиката. Во чест на основоположникот на драмскиот и театарски живот на овој простор, Војдан Чернодрински, тие го добија неговото име. Оттогаш па досега секоја година на Игрите во Прилеп, во текот на една недела, се презентира она што е најквалитетно во македонските театри. Театарските игри "Војдан Чернодрински" одиграа решавачка улога во подигањето квалитетот на македонскиот театар, стимулирајќи ја притоа и современата македонска драмска литература и полифоноста на театарската игра.
Група театарски ентузијасти во мај 1976 година во Скопје го основаа фестивалот Млад отворен театар, МОТ. Досега на оваа манифестација се изведени повеќе од 250 најразлични театарски претстави, во најголем број на алтернативни театарски групи, чиј карактер, пред сe беше експериментален и со ангажман на млади театарски творци. На просторот на поранешна Југославија МОТ беше фестивал на кој секој сакаше да дојде и да се покаже! Веќе неколку години МОТ е меѓународна театарска манифестација. Во негови рамки во Скопје досега гостувале театарски ансамбли од просторот на некогашна Југославија, Америка, Франција, Русија, Шпанија, Јапонија, Полска, Италија, Англија, Индија и други земји. Неодамна МОТ е зачленет во мрежата од 250 театарски фестивали, институти и компании од светот, бриселската Неформална европска театарска средба (ИЕТМ). Во рамките на МОТ основан е Македонски национален центар на Интернационалниот театарски институт ИТИ, кој на 25-тиот светски конгрес во Минхен, во 1993 година, беше примен за редовен член на оваа светска театарска асоцијација под покровителство на УНЕСКО.
Колку во Република Македонија е сакан театарот и колку нему му се посветува внимание, зборува и овој податок: во рамките на меѓународната музичко-театарска манифестација Охридско лето забележително е присуството на драмскиот дел, обично со специјално за оваа манифестација подготвени театарски проекти, во последно време со интернационален карактер. Само три години откако почнаа првите музички приредби на Охридско лето, во 1964 година, беше изведена драмската претстава "Како што милувате" од Шекспир во режија на Димитар Ќостаров, а веднаш по неа и колажот "Смеењето не е грев" во постановка на Илија Милчин и Тома Кировски и двете во изведба на ансамблот на Македонскиот народен театар. Освен тоа, во Република Македонија во текот на годината се одржуваат уште неколку чисто театарски фестивали, како Фестивалот на аматерските театри во Кочани (ФААТ), "Деновите на Ристо Шишков" во Струмица и театарските проекти што се прикажуваат во рамките на Интернационалниот фестивал на забавна и класична музика во Битола.
Филм
Појавата на филмот во Македонија датира од почетокот наминатиот век. Десет години по промоцијата на новата уметност во прочуеното Гранд Кафе во Париз (1895), браќата Манаки ќе ги напарават првите филмски снимки на почвата на Македонија (и на Балканот) и со тој чин ќе ја означат експанзијата на новиот медиум и на нашите простори.
Снимките што во почетокот на својата снимателска дејност ги направија Милтон и Јанаки Манаки се лоцирани во Битола, Бар и Авдела. Конципирани како самостојни филмски епизоди, овие слики од семејниот живот, од колективните обреди и обичаи, ја чуваат и денес својата документаристичка, етнолошка и фолклористичка вредност ("Деспа Манаки преде", "Празнувањето на Водици", "Панаѓур во Бер" итн). Но сцените од филмовите направени во наредните години, веќе ќе ја најават зрелоста на неговиот талент, кој во спектакуларните репортажи за престојот на султанот Решад во Солун и Битола (1911) ќе ја вообличи богатата документаристичка граѓа, во посложени жанровски форми (фељтон, хроника, репортажа).
На снимателската активност на браќата Манаки и претходеше практиката на крстосувањето на патувачки трупи, кои во своите програми ги вклучуваа и сензационалните прикази на "живите слики". Хроничарите ја забележуваат првата проекција веќе во 1896 година, а во почетокот на векот, тие зачестуваат и притоа се зголемуваше бројот на сопствениците на проекционите апарати: Милан Голубовски во Скопје, Константин Чому во Битола итн.
Снимателското искуство на браќата Манаки, меѓутоа, не наоѓа во овој период на поголем број приврзеници и наследници. Затоа, пак, во годинтие на илинденските и постилинденските настани, Македонија ќе стане извонредно интересно подрачје, за странските сниматели. Пате инсценира прикази за крвопролевањата во Македонија, сакајки да го поттикне вниманието за отпорот на македонскиот народ. Но многу подрагоцени од овие изрежирани колежи и пустошења се автентичните документарци за битките кај Брегалница, Скопје и други воени пунктови, направени од снимателите на Пате, Гомон и на некои австроунгарски и германски фирми.
Периодот до 1945 година, кога се поставија основите за континуирана кинематографска дејност, во Македонија повремено се појавуваат филмски ентузијасти какви што се Арсение Јоваков и Георги Занков, автори на документарецот "Македонија" (1923), но и енергични професионалци како Ристе Зердески, актер, снимател и продуцент, кој во Загреб го сними играниот филм "Тие двајцата".
Поголема систематичност во програмите ќе внесе во 30-те години Хигиенскиот завод во Скопје, на чиј список ќе се најдат поголем број репортажи со дидактички содржини, но и играниот филм "Маларија", 1932 година.
Во овој период ја почнува својата плодна снимателска дејност и документаристот Благој Дрнков, кој ќе остави обилна документација со висока етнолошка, фолклорна и историска вредност: "Бомбардирањето на Битола", 1940, "Едриличарскиот митинг во Скопје", 1940 и др.
Во 1945 се формира ФИДИМА, првата институција за организирано производство на филмови во Макеоднија, нивно дистрибуирање и прикажување. Од тогаш почнува хрониката на мобилизацијата на македонскиот филм, неговиот подем, кризните ситуации на кои не бил ни малку имун, неговата производна и квалитативна неизедначеност, смелоста на неговите авторски дострели и оригиналноста на творечките афинитети.
Голем број од филмските работници интегрирани во продуцентската куќа "Вардар филм" (формирана во 1947) им даваат нескриен замав на склоностите кон филмовите со историски содржини и теми. Историскиот спектакл долго време остана една од најинтересните преокупации на авторите од безмалку сите генерации. Во унапредувањето на овој жанр ќе дадат свој придонес и доајенот на повоенот документарен филм, Трајче Попов ("Македонска крвава свадба", 1967), и режисерите од средната и помладата генерација: Љубиша Георгиевски ("Република во пламен", 1969), или Кирил Ценевски ("Јад", 1975), но и режисери што често гостуваат во "Вардар филм", како Жика Митровиќ ("Мис Стон", 1958). Нешто од слободарскиот и романтичарски дух во сижеата на овие спектакли е вткаено и во филмовите кои содржински се групирани околу темата на војната: "Фросина", 1952, (прв македонски игран филм), "Македонски дел од пеколот", 1971, "Црно семе", 1971, во кој се откри талентот на тогаш младиот Кирил Ценевски, добитник на "Златната Арена" во Пула, но подеднакво забележан и на Меѓународниот фестивал во Москва. Воените филмови како "Цената на градот", 1970, ги користат и актуелизираат мотивите на древните легенди, а драмата од форматот на "Волчја ноќ", 1955, го афирмира духот на моралниот стоицизам, скепсата и борбениот аскетизам.
Многу поголема творечка мобилизација, оригиналност на идеите и смелост на поетиката македонскиот филм ќе манифестира во оној дел од продукцијата во кој се проблематизираат прашањата за моралното поведение на современикот, а за неговите дилеми и искушенија се бараат аналогии во минатото; "Време без војна", 1969, на Бранко Гапо, библиски ја поврзува судбината на таткото и синот во две различни општествени милјеа - војната и мирновременскиот период. Столе Попов ќе ги актуелизира темите на егзодусот на македонското население ("Црвениот коњ", 1981), трагичниот период на Информбирото кога, заедно со идеалите, се распаѓаат и хомогените заедници, каква што е семејството ("Среќна Нова 1049", 1986, лауреат на "Златната Арена" во Пула) и деградирањето на поединецот до чинот на физичката ликвидација ("Тетовирање", 1991). Блиску до тематската, па и творечка позиција на овие филмови е и играното деби на Владимир Блажевски, "Хај -фај", 1987, по кого ќе дебитираат со по една епизода во филмот "Светлосиво", 1993, само уште младите Александар Поповски, Срѓан Јаниќиевиќ и Дарко Митревски. Извонреден успех постигна дебитантот Милчо Манчевски со "Пред дождот", македонско-англиско-американска копродукција, освојувајќи го "Златниот лав" на фестивалот во Венеција (1994) и повеќе од дваесет други признанија на исто толку меѓународни фестивали ширум светот. Филмот влезе и меѓу петте најдобри странски филмови номинирани за "Оскар" за 1994 година.
Значајно е да се забележи дека во номенклатурата на филмовите што се занимават со теми од современиот живот се вбројуваат жанровски поразновидни дела: комедии ("Мирно лето", 1961, на Димитрие Османли), трилери ("Виза на злото", 1959), мелодрами ("Исправи се, Делфина", 1977, на Александар Ѓурчинов), социјални драми ("Жед", 1971 на Димитрие Османли) итн.
Сепак, македонските автори ќе постигнат позабележлив успех во продукцијата на документарните и анимираните филмови. Меѓу десетината наслови, колку што до неодамна броеше списокот на годишната продукција на кусометражни филмови, ќе се издвојат дела што може лесно да се вбројат во светската ризница на антологиски остварувања. Со својата проблемска трајност и стилска конзистентност, филмовите како "Граница", 1962, на Бранко Гапо, "Оган", 1974 и "Дае", 1979 - Гранд при во Оберхаузен и номинација за Оскар на Столе Попов, "Крлук", 1973, на Лаки Чемчев, "Шестиот играч", 1976, на Кочо Недков, "Дванаесетте од Папрадник", 1965, на Димитрие Османли, "Голгота", 1979, на Мето Петровски, "Тулгеш", 1977 на Коле Манев, "Ликвидатор", 1983, на Трајче Попов, помируваат повеќе од производните парадокси што го следат непречениот развој на документарниот филм.
На оваа виталистичка струја се надоврзува движењето што во почетокот на 70-тите го промовира група аниматори, кои по експанзивниот настап на југословенските и меѓународните филмски смотри, се најде во дефанзивна позиција. Но она што остана од еден Дарко Марковиќ ("Стоп", 1976, "Рака", 1980), од Петар Глигоровски ("Адам, 5 до 12", 1977, "Феникс", 1976) и Боро Пејчинов ("Отпор", 1978) веројатно ќе остане како трајна гаранција за потенцијалните можности на македонските аниматори да најдат соодветен творечки израз за своите афинитети. Таа димензија на животворност и внатрешен динамизам, може да се прошири и врз останатиот дел од играната и документарната продукција на македонскиот филм.